Ако денеска завршеше Европското првенство, Златната копачка за прв стрелец ќе беше во рацете на Дани Олмо, кој има три гола како и уште неколкумина играчи, но има и две аситенции кои го прават подобар од конкуренцијата.
Кодо Гакпо од Холандија утре може да избие на чело на листата на стрелците ако даде гол против Англија, но Шпанецот Олмо тврди дека не му е важно дали ќе биде најдобар стрелец на ЕВРО 2024.
„Многу, многу сме среќни. Овој тим е неверојатен. Заслужуваме титула, на чекор од славата сме. Не е важно дали голот е мој или автогол на Кунде. Важна е победата. Не ни е гајле со кого ќе игра во финалето, кој сака нека биде ривал“, изјави Олмо.
Слично нешто кажа и селекторот Луис де ла Фуенте во првата анализа по полуфиналето.
„Успеавме да стигнеме до финале и да ја однесеме Шпанија каде што припаѓа. Англија или Холандија? Сеедно. Тоа се два големи тима и силни ривали. Мотивот да се биде во финале е нешто исклучително“, рече Де ла Фуенте.