Интересна приказна за Суперлигата објави германскиот „Зидојче Цајтунг“, а личи на шпионско сценарио од филмските студија во Холивуд.
Банкарските магнати од „ЏП Морган“, според германскиот медиум, биле само покритие за приказната, а главен спонзор на Суперлигата требало да бидат шеиците од Саудиска Арабија предводени од контроверзниот принц Мохамед бин Салман, кој не успеа да го купи Њукасл.
Голема улога во целото сценарио кое изгледа неверојатно одиграл Владимир Путин, кој му се јавил на Роман Абрамович со наредба Челзи да се повлече од проектот.
Русија беше домаќин на последниот фудбалски Мундијал во 2018 година и има одлични односи со ФИФА и со УЕФА, која му ја додели на Санкт Петербург организацијата на финалето во Лигата на шампионите за следната 2022 година.
Веднаш потоа, како што пишува „Зидојче Цајтунг“, откако била разоткриена заднината на целата игра со Саудијците, реагираа и катарските газди на Манчестер сити.
Сопствениците од Абу Даби Јунајтед груп не сакале да учествуваат во проект финансиран од Саудиска Арабија, земја која нема добри односи со Катар, па и Граѓаните се повлекоа од проектот веднаш по Челзи.
Затоа и ПСЖ не беше дел од проектот Суперлига, иако беше планиран. И таму владее катарскиот капитал, а прв човек на францускиот првак е Насер Ал-Келаифи, бизнимсенот од Катар.
Во целата игра се вклучи и Премиерот на Велика Британија, Борис Џонсон, со закана за строги казни за англиската шесторка, Челзи, Манчестер сити, Манчестер јунајтед, Ливерпул, Арсенал и Тотенхем кои се основачи на Суперлигата, се случи и широк фронт на побуна од навивачите, па проектот згасна само за два дена.