Македонската одбојкарска репрезентација загуби во финалето од Данска со 3:1 во сетови (25:23, 19:25, 25:27, 19:25) и не успеа да се пласира во Златната лига. Во клучниот меч, кој Македонија требаше да го добие на свој терен во Струмица, Данците покажаа дека знаат да одиграат најдобро кога е најпотребно и на крајот се радуваа на триумф.
Нашите Спартанци одлично го почнаа мечот и поведоа со 6:1. Таа предност од пет поени беше доволна за мирно да се заврши сетот, иако Данците пред крајот се заканија, но на крајот нашите одбојкари се радуваа со 25:23. И во вториот сет добро отворивме и Македонија поведе со 8:5, но Данците брзо стигнаа до 9:9. Гостите потоа заиграа уште подобро и по водството од 19:15, лесно стигнаа до добиен сет од 25:19 и израмнување на 1:1 во сетови.
Третиот сет се покажа како решавачки за мечот. Данците водеа со 12:8, но нашите не се предадоа и со серија од 6:1, поведовме со 14:13. До крајот на сетот се играше неизвесно, а ние водевме со 23:22, кога Данците со два добри сервиси стигнаа до 24:23, а потоа сетот го добија со 27:25.
Драматично беше и во четвртиот сет. Македонија повторно поведе (4:2), а последен пат бевме во предност од 8:7. Беше 12:12 кога Данска со серија од 4:0 стигна до 16:12. Македонија намали на 17:18, но Данците повторно направија одлична серија од 5:0 и стигнаа до 23:17, по што беше јасно дека гостите во Струмица ќе се радуваат на титулата во Сребрената лига.