Штета: Македонските надежи загубија од Исланд и останаа без четвртфинале на СП

Македонската женска ракометна репрезентација до 18 години не успеа да се пласира во четвртфиналето на Светското првенство на кое се игра во Скопје, откако во последното коло од втората групна фаза загуби од Исланд со 25:22. По овој пораз, Македонија со три бода остана на третото место во групата зад првопласираниот Исланд кој има максимални шест бода и Шведска која има три бода, но подобра гол-разлика од нашите ракометарки, па затоа ќе играат во четвртфиналето.

Исланд во текот на целиот меч беше подобар од Македонија. Уште од самиот старт, противникот поведе и постојано имаше предност, која на полувреме беше три разлика (13:10). И во текот на вториот дел Исланд имаше контрола на резултатот, а Македонија во две ситуации беше на чекор да стигне до егал.

Во 50 минута беше 19:20 и Македонија имаше напад за реми, но промаши. Потоа Исланд поведе со 23:19, но нашите девојки не се предадоа и во 58 минута стигнаа до 22:24, а Ризовска имаше пенал да намали на еден гол, но промаши и тоа беше крај на сите надежи дека ќе се стигне до посакуваниот бод.

Шест гола Бојана Коцева, а Емилијана Ризоска погоди четири пати против Исланд, а на Македонија сега и останува да разигрува за позициите од 9 до 16 место на овој Мундијал.

- Оглас -

Најнови вести