Обложувач кој во петокот уплатил тикет во Sport Life во Штип може да се каже дека е најголем малер изминатиот викенд. Бил на прагот да освои над 730 илјади денари само со 50 денари уплата, но гол во 97-мата минута му ја спречи радоста и огромната заработка.
Овој штипјанец ги погоди седумте меча кои се играа во петокот и за сабота му остана само уште да чека победа на Борусија Дортмунд кај Штутгарт. Кај овој пар, квотата е најмала од сите осум на тикетот.
Сè беше идеално по првото полувреме, Борусија водеше со 2-0, а еден играч на Штутгарт во 39-тата минута доби црвен картон. Но, драмата почна кога во 78-мата и 84-тата минута Швабите и со човек помалку на терен изедначија на 2-2. Дортмунд постигна гол за 3-2 во 92-рата минута, а кога се чинеше дека овој супер тикет ќе биде добитен, Конгоанецот Силас во 97-мата минута даде гол за шокантни 3-3.
Бидејќи се чекаше само овој дуел во саботата, можеби обложувачот го штител со уплата на 1Х, но секако многу поголема ќе беше добивката ако тикетот со осум парови беше добитен.