Што е следно за Македонија? Следи многу важен дуел против ривал кој беше подобропласиран на Мундијалот

Македонската ракометна репрезентација заврши на 15 место на Светското првенство кое вечерва треба да ги добие последните патници во четвртфиналето. Шест меча одиграа избраниците на селекторот Кирил Лазаров во кои забележаа две победи, две нерешени и два порази на дуелите кои се одиграа во Вараждин, Хрватска.

Позитивен е вкупниот впечаток од играта и резултатите на Македонија која го продолжи континуитетот со настапи на големи натпреварувања, но и покажа дека се наоѓа во првата половина од елитното светско друштво.

По овој планетарен собир, сега следи малку репрезентативен одмор за Македонија, а возбудувањата ќе продолжат во март. Тогаш продолжуваат квалификациите за пласман на Европското првенство кое ќе се игра следната година.

Македонија е во група со Словенија, Литванија и Естонија, а по две кола, нашата репрезентација има една победа и еден пораз. Славевме над Естонија во Скопје со 37:33, а потоа неочекувано загубивме од Литвванија на гости со 29:27.

Следен ривал е Словенија и тоа во Скопје на 12 или 13 март во салата „Борис Трајковски“. Словенците имаат перфектни две победи и сигурно се фаворити да одат на ЕП 2026. Тие се дел и од СП, а вечерва играат против домаќинот Хрватска. Без разлика на тој резултат, Словенија ќе биде четвртопласирана во својата група, а на крајот од Мундијалот ќе заврши на 13 или 14 место, што значи нешто подобро од Македонија која е 15-та на крајот.

Тој меч кој ќе се игра во март треба да биде мотив навивачите да ги исполнат трибините на салата „Борис Трајковски“ и да ги водрат ракометарите кои ни понудија многу спортска возбуда овој месец.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести