Винс Картер и на 42 години не планира да стави крај на професионалната кариера. Членот на Атланта хокс ја одигра 21-та сезона, а ова лето ќе биде слободен играч бидејќи му истекува договорот со франшизата од Џорџија. Сепак, тој се надева дека ќе добие нов договор од клубот, но и да не дојде до тоа, Картер ќе бара друга екипа која ќе се потрпе на неговото искуство.
„Се враќам“, кратко одговори Картер кога го прашаа дали ќе настапи и во 22-та сезона во низа во својата кариера, а на прашањето дали ќе остане во Атланта, тој истакна дека би сакал да ја продолжи соработката, но засега нема конкретен одговор.
Оваа сезона Картер настапи на 76 натпревари во кои постигнуваше по 7,7 поени во просек, надополтенети со 2,6 скока и една асистенција во 17 минути по натпревар. Картер заедно со Дирк Новицки оваа година комплетираа по 21 сезона во НБА, а сега има намера да стане првиот играч во историјата кој издржал 22 сезони.
Покрај Атланта, Картер бранеше боите на Њу Џерси нетс (сега Бруклин нетс), Орландо, Далас, Мемфис и Сакраменто, а НБА кариерата ја започна во Торонто, тимот кој го драфтуваше како петти пик во 1998 година. Со вкупно 25.430 поени, Картер е 20-ти најдобар стрелец во историјата на НБА лигата.