Што ли му требаше на Мурињо да го става Бејл во игра?

Герет Бејл се врати во Тотенхем, но уште на дебито покажа дека славните денови се далечно минато и дека Петлите не може ништо добро да очекуваат од него.

Велшанецот, кој повеќе е фокусиран на играњето голф отколку на фудбал, речиси не играше за Реал Мадрид, а и кога играше, беше слаб, слабо тренираше и за репрезентацијата на Велс веќе не е играч кој прави разлика. Покрај тоа, се мачи и со повреди, но во Тотенхем решија да го земат. По ова синоќа, можеби се покајаа, иако не сакаат јавно да признаат.

Бејл на дуелот со Вест хем влезе во игра во 72-рата минута, при комотни 3-0 за неговиот тим, и наместо рутинско одработување на финишот, се случи пресврт. Вест хем даде три гола во последните десет минути, а Бејл при 3-2, утна 100 процентна шанса. Наместо камбек со гол и победа, вака Бејл изгледа подолго ќе остане закован за клупата.

Оваа 2020 година е чудна, изгледа слична ќе биде и следната, па не треба да чуди ако во некои од најсилните лиги шампионската титула ја освои некој што не го сметале за топ фаворит. Викендов беше „пепел“ за мнозинството обложувачи кои играат на „сигурно“.

Многу фаворити кои на хартија мораа да победат, не победија, имаше чудни резултати, а за некој ден или за една недела ќе видиме дали проблемот беше во тоа што се чувале за мечевите од Лигата на шампионите или станува збор за немање соодветни подготовки и лоша физичка подготовка која не дозволува главните поединци квалитетно да одиграат два до три меча неделно, кога имаат бројни патувања и напори.

Не беше лесно да се состави добитен тикет и кога некој меч делуваше дека е готов како Тотенхем – Вест хем по водството на домашните од 3-0, се случи изненадување.

Во Англија прв е Евертон, веднаш зад него Астон вила со стопроцентен учинок, а првакот Ливерпул се мачи во одбраната и како капак, до крај на сезонава ќе биде без Ван Дајк. Во Италија, Јуве никако да победи на гости, па лидер е Милан, кој се потпира на 39-годишниот и неуништлив Ибра. Во Шпанија ја нема доминацијата на Реал Мадрид и Барселона, кои викендов загубија без испукан куршум. Ова најавува интересни случувања и затоа во иднина внимавајте на кого ќе се обложите, особено во викендите пред ЛШ.

СЕКОЈ ШТО МОЖЕ ДА ПОМОГНЕ ДА ОДИМЕ НА ЕП Е ДОБРЕДОЈДЕН, НЕКА Е И ОД ЛОС АНЏЕЛЕС

Веста дека напаѓачот на Лос Анџелес ФК, Даниел „Дени“ Мусовски, прифатил да игра за македонската фудбалска репрезентација, треба да биде примена позитивно од сите бидејќи конкуренцијата во нападот се засилува во овој период кога имаме проблем во тој дел.

Илија Несторовски не е во форма како од времето кога играше за Палермо, сме заборавиле кога последен пат дал гол од игра за репрезентацијата, но тој и понатаму е прва опција за селекторот Игор Ангеловски. Да треба да се обложиме кој ќе биде стартер во шпицот и во финалето во Тбилиси против Грузија, пак за Нестор ќе биде најмала квотата.

Иван Тричковски растура на Кипар, но не и во националниот тим, а оправдување може да му биде што тој не е класична „деветка“. Крсте Велкоски од Сараево и Влатко Стојановски од францускиот второлигаш Шамбли засега не добиваат преголема шанса во репрезентацијата, па затоа Несторовски е прва опција.

Адис Јаховиќ може да заврши работа, но додека Ангеловски е селектор, Адис нема да игра за Македонија, од, на некој начин, слични причини поради кои и Карим Бензема нема да игра за Франција со Дидие Дешамп на клупата, иако не е спорно дека ѕвездата на Реал Мадрид има квалитет да биде во составот кој е светски првак.

Мусовски е роден во САД, има 25 години и сезонава има дадено четири гола во МЛС-лигата, која е сериозно натпреварување во последните години. Самата желба на Дени да извади македонско државјанство и да игра за земјата на неговите родители е за поздравување. Евентуалниот пласман на ЕП е магнет кој ги привлекува нашинците кои играат на други континенти.

Имавме негативни случаи со Дејан Кулушевски, кој се определи за Шведска, веројатно и Никола Секулов ќе ја избере Италија пред Македонија, затоа супер е кога добар играч како Мусовски сака да мине и над 10.000 километри во ноември за да дебитира во националниот дрес на Македонија.

- Оглас -

Најнови вести