Точно пред 284 дена Зинедин Зидан најави дека си оди од Реал Мадрид. Денеска Французнот повторно се врати на „Сантијаго Бернабеу“. Нецели 10 месеци поминаа од заминувањето, а популарниот Зизу се враќа во клубот во којшто покажа дека е и одличен стратег.
За три години на чело на Реал, во витрините на најтрофејниот шпански клуб дојдоа многу трофеи. Реал освои три титули европски првак, двапати беше светски клупски шампион, се радуваше на две титули на европскиот Суперкуп, како и по еден трофеј во Примера и Суперкупот на Шпанија.
Кога откри дека ќе си замине од клупата, Зидан најави: „Нема да тренирам друг клуб. Ќе се видиме подоцна бидејќи Реал ми даде сѐ“. Дека овие зборови на Зидан не беа кажани залудно, се покажа само за 10 месеци. „Многу го сакам овој клуб. Претседателот ми даде шанса да дојдам и да играм за Реал и затоа ќе му бидам засекогаш благодарен“, велеше Зидан за Перес.
Според најавите, претседателот на Реал, Флорентино Перес, ќе му даде на Зидан 300 милиони евра на располагање за доведување нови играчи во летниот преоден рок, во кој треба да се создаде тим за нова европска титула на Реал, но и тим кој ќе ја прекине доминацијата на Барселона во Примера.
Според новиот договор, Зидан ќе биде тренер на Реал Мадрид до јуни 2022 година.