Што разговараа Гвардиола и Зидан на празниот Етихад?

Жосеп Гвардиола откри што разговарале со Зинедин Зидан по завршувањето на двомечот во Лигата на шампините меѓу Манчестер сити и Реал Мадрид.

Популарните Граѓани на Пеп повторно победија со 2:1 и со вкупен резултат од 4:2 го елиминираа Реал, а по мечот двајцата врвни тренери осамени долго разговараа меѓусебе на празниот „Етихад“.

Сликата го обиколи светот и предизивка огромно внимание, бидејќи се работи за две големи поранешни ѕвезди на лутите ривали Барселона и Реал Мадрид, но и големи пријатели.

„Му честитав на Зизу за освоената титула во Ла Лига. Секогаш велам дека најтешко е да се освои домашно првенство од рангот на топ-5 во Европа. За тоа ви треба многу знаење и квалитет како тренер, бидејќи екипата треба да ви биде во топ форма 11 месеци. Разговаравме и за обични работи. Зидан ми беше еден од идолите додека играв фудбал. Сме играле еден против друг со своите репрезентации. Тој е еден од најдобрите фудбалери на сите времиња, а како човек е пример за сите“, изјави Гвардиола.

Тренерот на Сити дополни и дека Зидан е вистински модел и за успешен тренер. „Многу ми се допаѓа како ја претставува нашата професија. Зизу е комплетна личност и се радувам што сме одлични пријатели“, додаде Пеп.

Гвардиола се обидува да ја освои првата шампионска круна во Лигата на шампионите со Манчестер сити, откако двапати беше на тронот на Европа како тренер на Барселона.

Сити ќе игра со Лион на 15. август во нокаут четввртфинален меч од ЛШ на „Жозе Алвеладе“ во Лисабон и ако мине понатаму противник во полуфиналето може да му биде токму Барселона, ако го елиминира Баерн, ден претходно на „Луж“.

 

- Оглас -

Најнови вести