Бундеслигата мируваше цели 66 дена во периодот на пандемијата со Коронавирус, но сето тоа изгледа минијатурно во однос на постот што денеска го прекина Мануел Гулде, дефанзивецот на Фрајбург.
Десниот бек конечно постигна гол во Бундеслигата по неверојатни 511 денови, а за него погодоците се вистинска реткост. Постигнува по еден во сезона, а успеа да си ја исполни квотата веднаш при рестартот на германското првенство, денеска против Лајпциг.
Гулде реагираше одлично во 34. минута и му донесе предност од 1:0 на Фрајбург на гостувањето кај големиуот фаворит. Мечот заврши нерешено, 1:1, а бодот вреди двојно за Фрајбург во битката за позиции кои водат во Европа Лигата.
Гулде ја игра четвртата сезона за Фрајбург и досега постигнал само 3 гола. Во дебитанската година за сегашнито тим не успеа да ја затресе мрежата на противниците, а потоа секоја сезона, вклучувајќи ја и оваа постигнува по еден гол.
Фрајбург ги искористи поразите на Шалке 04 и на Хофенхајм и со 37 бода сега е на седмата позиција, зад Волфсбург со 39. Првопласираните шест екипи ќе играат во европските купови следната сезона.