Што се Феликс и Гризман за Столе: Такви класа напаѓачи само ме мотивираат да не примам гол

Столе Димитриевски е еден од најдобрите голмани во Ла Лига, според проценката на шпанските експерти, а успеа и да прегрми голем проблем поради кој беше резерва, но сега повторно е стандарден во Рајо Валјекано.

Брани импресивно во една од најсилните лиги на светот, а денеска ќе има посебен предизвик да ги сопре напаѓачите на шпанскиот шампион Атлетико Мадрид.

Нападот на Јорганџиите на „Валјекас“ вечерва од 21 часот ќе го предводат Жоао Феликс и Антоан Гризман, опасен тандем офанзивци кои не се класични шпицови, но се извонредни играчи и стрелци.

„Напаѓачи како Гризман и Феликс само дополнително ме мотивираат да не примам гол. Се работи за фантастични играчи, но тоа само ми ја зголемува самодовербата. Убаво е да се брани против такви класа офанзивци и ќе сторам се мојата мрежа да не биде затресена“, вели голманот на македонската репрезентација и чувар на мрежата на Рајо Валјекано.

Димитриевски има можност за нов дуел со Феликс, но најпрво мора со соиграчите од македонската репрезентација да ја изненадат Италија на баражот за СП во Палермо на 24. март, а притоа и Португалија да ја елиминира Турција во Порто истиот ден.

Ако има такво сценарио Македонија ќе и гостува на Португалија на 29. март на „Драгао“ во Порто во нокаут меч за пласман на Мундијалот во Катар што ќе се игра во ноември и декември годинава.

 

 

- Оглас -

Најнови вести