Фленсбург има среќа што вечерва во Скопје ќе ја нема познатата црвено-црна фурија на трибините во „Јане Сандански“ како поддршка за Вардар во дербито на четвртото коло во А групата од Лигата на шампионите.
Поради пандемијата со корона-вирусот, во Македонија е забрането присуство на публика на спортските натпревари, што денеска од 20.45 ќе биде хендикеп за Вардар и предност за Фленсбург.
„Се знае што претставуваат Скопје и Македонија во ракометниот свет. Таму е секогаш тешко да се игра, особено во скопскиот пекол што го создаваат навивачите на Вардар. Ќе ни биде полесно од тој аспект, но, сепак, ќе мора да ги надиграме и да ги победиме на терен“, велат ракометарите на Фленсбург.
За Вардар ова е вториот меч во А групата, откако му беа одложени натпреварите со Елверум и со ПИК Сегед во претходните две кола поради проблеми со ковид-19.
Вечерва „црвено-црните“ ќе се обидат да ја забележат првата победа против фаворитот Фленсбург, екипа која има максимален учинок од три победи на стартот од фазата по групи во Лигата на шампионите.