Барселона со убедлива предност од 3-0 оди во Ливерпул на реванш-мечот од полуфиналето во Лигата на шампиони. Каталонскиот гигант верува дека нема да ја направи минатогодишната грешка, кога против Рома во четвртфиналето имаше предност од три гола (4-1), но на реваншот на „Олимпико“ загуби со 3-0 и беше елиминиран.
Ливерпул прими три гола на „Камп ноу“, но гостите може многу да жалат бидејќи не искористија барем една од неколкуте добри шанси за почесен погодок. Сега, на својот „Енфилд роуд“ англискиот тим ќе се обиде да направи пресврт, што навистина би било изненадување.
Сепак, тоа што не би било изненадување е Ливерпул да победи утре. Ако се гледаат понудените коефициенти, домаќинот е фаворит (2.20), додека за победа на Барселона коефициентот е 2.95. За Каталонците не би било грев дури и да загубат, но тоа да биде со еден или два гола негатива, а во најлош случај со три гола разлика, но и да постигнат гол.
Најдобриот играч на Барселона, Лионел Меси, постираше фотографија на социјалните мрежи како во друштво на Луис Суарес пијат кафе додека со авионот патуваат кон Ливерпул.
Ако не се гледа само утрешниот меч на „Енфилд“, Барселона е голем фаворит за освојување на трофејот во ЛШ. Коефициентот за фудбалерите на Ернесто Валверде е 1.40, додека за Ливерпул е дури 20.