Маурисио Сари застана во одбрана на Кралот на стрелците во Серија А, Чиро Имобиле, кој е посочен како еден од главните виновници за сензационалниот пораз на Италија од Македонија, со 0:1 во Палермо што ги елиминира Аѕурите од настап на Мундијалот во Катар.
Сари кој му е тренер на Имобиле во Лацио, вели дека поразот од Македонија треба да ги освести сите во земјата на четирикратниот светски првак.
„Италијанскиот фудбал е 30 години назад од модерните текови. Поразот од Македонија треба да не освести. Ако гледате паралелно фудбал во Серија А и во Бундеслигата мора да се запрашате каде сме и зошто заостануваме“, вели Сари.
Тренерот на Лацио ја коментираше и ситуацијата со Имобиле, кој е еден од Аѕурите што е на мета на остри критики по неуспехот против Македонија.
„Разговарав со Чиро и му кажав што мислам. Тој е најдобар стрелец во Италија, но стана и жртвено јагне на Италија. Самиот ќе одлучи како да продолжи понатаму“, додаде Сари.