Германскиот чувар на мрежата Александер Нубел беше првото обезбедено засилување на Баерн Минхен за сезоната 2020/21 со оглед на тоа дека неговиот потпис го осигураа во текот на сезоната. Нубел на „Алијанц арената“ пристигна како слободен играч од Шалке, следејќи ги стапките на Мануел Нојер, кому сега ќе му биде замена и ќе чека прилика во иднина да го преземе неговото место меѓу диреците.
Новиот член на Баерн за брзо почувствува што значи да се биде дел од германскиот првак. При првото доаѓање во тренинг-комплексот, 23-годишниот Нубел се појави со „фолцваген поло“ старо неколку серии, кое чинеше до 11.000 евра кога беше најнов модел. Дома си замина со најновиот модел на „ауди РС6“, спортскиот караван на германскиот бренд кој вреди до 116.000 евра на автомобилскиот пазар.
Имено, Нубел, како и сите останати играчи на Баерн, мора да го почитува спонзорскиот договор меѓу клубот и автомобилската компанија, односно на работа да доаѓаат со модели на „Ауди“.