Што значи да си прв: ФФМ им ја исплати рекордната премија на фудбалерите

Фудбалската федерација на Македонија ја исплати рекордната премија од 500.000 евра за освојување на првото место на сениорската репрезентација во групата од Лигата на нациите. Раководството на ФФМ го оствари ветеното, им ја исплати на репрезентативците и на стручниот штаб најголемата премија во историјата на македонскиот фудбал.

„Фудбалската федерација на Македонија ја исплати премијата за пласман во завршната фаза од Лига на нациите и со тоа поставивме стандард како ќе работиме и во иднина. Пласманот на ЕП 2020 година би претставувал остварување на сонот на оваа генерација македонски фудбалери и на капитенот Пандев и на соиграчите им посакуваме многу среќа во следните репрезентативни предизвици. Со пласманот во завршната фаза од Лигата на нациите, репрезентацијата стигна таму каде што ѝ е местото и искрено посакуваме нов напредок. Благодарност до сите кои даваа поддршка. Драго ни е што успеавме да ја вратиме насмевката на лицата на навивачите и се надевам дека позитивната резултатска низа ќе трае и во иднина“, истакна в.д. претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини.

Македонија во полуфиналето од Лигата на нациите на УЕФА ќе се соочи со Косово на домашен терен, додека во второто полуфинале Грузија ќе ѝ биде домаќин на Белорусија. Победниците од полуфиналните дуели ќе играат меѓусебе во финале на неутрален терен, за победа која гарантира пласман на Европското првенство во 2020 година.

За помалку од еден месец, на 21-ви март годинава, Македонија во Скопје против Летонија го започнува и квалификацискиот циклус за пласман на ЕП 2020.

- Оглас -

Најнови вести