Што значи новиот формат за УЕФА-натпреварувањата за македонските клубови и како до групната фаза?

Европската фудбалска унија, УЕФА, денес го претстави новиот формат за клупските натпреварувања, кој ќе започне да се применува уште од следната сезона. Во групната фаза на Лигата на шампионите, Лигата на Европа, но и во Конференциската лига ќе играат по 36 екипи, наместо 32 како што беше досега.

Македонија во изминативе 30 години само еднаш имаше претставник во групната фаза на некое европско натпреварување. Тоа се случи во 2017 година, кога Вардар обезбеди пласман во групите на Лигата на Европа. Но, што ќе значат новите промени за македонските клубови?

Првпат по 1999 година, Македонија ќе има само три екипи во европските натпреварувања. На почетокот на новиот Милениум, двапати имавме и по пет екипи во Европа, но тоа беше случај додека сè уште се играше Интертото купот. Намалувањето на бројот на екипите од четири на три се должи на лошите, катастрофални, резултати во последните години. Летово Македонија во Европа ќе ја претставуваат шампионот, кој ќе игра во квалификациите за Лигата на шампионите, второпласираниот од првенството и освојувачот на Купот, кои ќе играат во Конференциската лига.

Доколку останеше стариот формат, шампионот на Македонија ќе играше во претквалификациите, но со новиот формат тоа претколо се укинува и сите екипи започнуваат од првото квалификациско коло. Во оваа фаза ќе учествуваат 32 екипи, а поразените продолжуваат во второто коло од Конференциската лига.

Вицешампионот и освојувачот на Купот започнуваат од првото квалификациско коло на Конференциската лига, но доколку бидат елиминирани, нема да имаат можност за поправен како што ќе има шампионот.

Настапот на македонските клубови минатото лето обезбеди враќање на четвртата екипа на европска сцена за следното лето, односно за 2025 година, но оние три екипи кои ќе настап оваа година треба со добри резултати да се изборат за задржување на четири екипи и за следните сезони, од што директно зависи и иднината на македонскиот клупски фудбал.

На најновото рангирање, според кое се одредува бројот на екипи кои ќе играат во Европа во 2025 година, Македонија е на 50-тата позиција само со 0,002 поени повеќе од Андора, воедно тие два илјадити дела од еден поен се клучните кои ни донесоа четврти претставник на евросцената во 2025 година.

- Оглас -

Најнови вести