Што значи разделбата меѓу Меси и Барса за капитенот на Вест хем?

Ситуацијата со Лионел Меси и неговата разделба со Барселона по две децении ја шокираше фудбалска Европа. Велемајсторот од Аргентина повеќе нема да го гледаме во претпознатливиот дрес, а во исчекување сме на неговиот ангажман во ПСЖ.

Од разделбата на Лео и Барса профитираше капитенот на Вест хем, Марк Нобл. Тој сега е фудбалерот со најдолг стаж во еден клуб од топ 5 лигите во Европа. И на двајцата стажот им се смета откако се приклучија на сениорските екипи на Чеканите, односно Каталонците.

Нобл од летото 2004 година досега е член на клубот од Лондон, а во ист период почна и сениорската кариера на Меси на „Камп ноу“. Иако 34-годишниот англиски играч за врска на почетокот од кариерата беше на позајмици во Шефилд вензди и Хал, беше регистриран како играч на Вест хем и затоа неговиот стаж е валиден.

Во меѓувреме играчот со повеќе од 500 настапи за премиерлигашот влезе во последната година од договорот со Вест хем, односно ќе ја игра 18-тата година како член на овој клуб, додека Меси застана на 17 години како член на првиот тим на Барселона.

- Оглас -

Најнови вести