Мартин Штокласа знае дека Македонија е класа за Лихтенштајн, но сепак верува во чудо утре во Вадуз, од 20.45 часот, во квалификацискиот меч за пласман на Светското првенство во Катар.
Селекторот на Лихтенштајн веќе има еден убедлив пораз од Македонија, во својот втор меч како селектор на оваа репрезентација, кога во Скопје го декласиравме аутсајдерот со 5:0.
Сега на ред е и вториот меч во овој квалификациски циклус, а Штокласа верува во добар резултат, иако знае кој е фаворит.
„Ќе биде многу тешко да се победи Македонија бидејќи тие покажаа дека можат да бидат конкурентни со многу посилни репрезентации. Мора да играме пожртвувано и максимлано борбено од првата минута. Сите треба да дадат сè од себе, од голманот до напаѓачот, за да се надеваме на подвиг. Македонија има одлични фудбалери, тука се Алиоски, Елмас и уште многу познати играчи од силни клубови. Моите фудбалери се во добра форма, има и неколку млади играчи што ќе добијат шанса, па се надеваме на добар резултат“, вели Штокласа.
Лихтенштајн ја прекина серијата од пет порази, со реми во претходното коло против Ерменија, но сепак е последен на табелата само со еден бод.
Македонија мора да го победи домаќинот ако сака да ја продолжи битката за првите две позиции во Ј групата, што можат да значат и пласман на Мундијалот во Катар.
Имаме 9 победи и само едно реми во меѓусебните дуели со Лихтенштајн, а против нив во 1996 година ја забележавме и највисоката победа во нашата историја со 11:1 на гостински терен.