„Штрковите“ се разлетаа и најавија атак на АБА-лигата

МЗТ Скопје Аеродром и во вториот настап во втората АБА-лига пред своите гледачи покажа дека ќе биде сериозен кандидат за титулата во ова натпреварување. Надигран е Борац Чачак, кој важи за еден од трите најсериозни конкуренти на МЗТ за титулата во АБА 2. Конечните 82:57 покажуваат дека „сино-белите“ од Аеродром беа многу порасположени.

Првата четвртина беше неизвесна и не баш ефикасна, доста се грешеше во шутевите за три поени, но плејмејкерот Лестер Медфорд чувствуваше дека е незапирлив за гостите и со 8 поени, му донесе предност на МЗТ од 18-10.

Во вториот период домашните ја одржуваа предноста, па и зголемуваа, а откако Дамјан Стојановски погоди во последната секунда, на пауза се замина со убава предност на МЗТ од 40-26. Во 17-тата минута, на повреда на глуждот се пожали Иве Иванов, кој беше најефикасен во македонскиот тим во првото полувреме. Сепак, Иванов продолжи да игра во второто полувреме.

Третата четвртина, која МЗТ ја заврши со позитива од 20 поени, беше клучна за конечниот исход. Инспиратор на сеирјата со која „штрковите“ се одлепија беше Дарко Соколов.

Последниот квартал донесе порелаксирана игра, домашните се обидуваа да бидат и атрактивни, па малку почесто грешеа, особено од линијата за слободни, но деморализираните гости не успеваа да го намалат минусот. Медфорд со 18, Бојиќ со 15 и Вудард со 12 поени беа најефикасни кај МЗТ.

- Оглас -

Најнови вести