Малку недостасуваше новата сезона во машкото кошаркарско првенство на Македонија да почне со пораз на актуелниот првак, но МЗТ Скопје Аеродром сепак најде начин да се провлече на гостувањето кај засилениот Кожув, и да остане непоразен сезонава на двата фронта.
Гевгеличани водеа со 63-60 по 30 минути игра, но потоа затаија во нападот, па МЗТ знаеше да го казни тоа. Омот со 18 поени и Крстевски со 16 поени и 10 скока, беа најдобри кај „штрковите“. Во редовите на поразениот тим, Пејн даде 16, Караџовски 15, Стајиќ 14, а Трајковски 13 поени.
Гостивар ја оправда фаворитската улога против ФМП Академија, а Џелетовиќ уфрли 37 поени, и беше незапирлив за младата екипа на тренерот Гацов.
Еуро Никел (поранешен Фени индустри) предводен од Марзет, Каплановиќ и Караколев, го победи Вардар во чии редови најдобри беа Њуес (најефикасен) и Темелковски (направи дабл-дабл).
Битолчани предводени од Мекиќ, Цветковски и Казарновски, се заканија во Куманово, водеа со 69-66 на 3,22 минути до крајот, но расположените Јанески и Младеновиќ направија пресврт. Плејот Младеновиќ кој дојде од распаднатиот АВ Охрид, имаше дури 17 асистенции.
РЕЗУЛТАТИ: Вардар – Еуро Никел 82-92, Гостивар – ФМП Академија 95-75, Кожув – МЗТ Скопје Аеродром 76-78, Куманово – Пелистер 84-79. На 16 октомври играат Работнички – МЗТ Скопје Уни банка.