Германските бундеслигаши Баерн Минхен и Штутгарт веќе одржале неколку состаноци во врска со потенцијалниот трансфер на талентираниот напаѓач Ник Волтемаде.
Баерн е заинтересиран за сензацијата од Европското првенство за играчи до 21 година и не сака повторно да му „избега“ уште едно големо име. Иако звучи невообичаено, клубот последовно добиваше негативни одговори од неколку трансферни цели, Бредли Баркола, Нико Вилијамс, па дури и Луис Дијас, за кого Ливерпул категорично се изјасни дека не е на продажба.
Сега и Штутгарт не попушта, што говори дека повеќе не е толку лесно Баерн да земе што сака во Бундеслигата. Ник Волтемаде блесна на неодамна завршениот младински шампионат со шест гола, а минатата сезона во германската Бундеслига постигна 12, додека во Купот на Германија, кој Штутгарт го освои, запиша уште пет погодоци.
И покрај неговата висина, тој се одликува со одлична техника, што го прави интересен не само за Баерн, туку и за други европски гиганти.
Иако не е јасно како тренерот Венсан Компани планира да го вклучи Волтемаде покрај Хари Кејн, останува неизвесно и дали трансферот воопшто ќе се реализира.
Двете страни разговараат, но досега нема испратена официјална понуда до Штутгарт, кој бара најмалку 80 милиони евра. Баерн, од друга страна, не сака да понуди повеќе од 50 милиони евра.
Имало неколку телефонски разговори меѓу генералните директори Јан-Кристијан Дресен (Баерн) и Александер Верле (Штутгарт), при што Верле му порачал дека нема да има директни преговори доколку не се исполнат финансиските барања. Засега тој одбива лична средба со Дресен.