Давор Шукер е сменет од функцијата претседател на хрватскиот фудбалски сојуз, ХНС, а нови избори за прв човек ќе има на 29 јули. Шукер е сменет со одлука на членовите на Собранието, кои одлучија да има промени, официјално по завршувањето на Европското првенство.
Шукер бараше изборите да бидат подоцна, во декември, но тоа не беше дозволено. Големиот фудбалски ас на хрватскиот фудбал имаше и симпатизери, но и уште повеќе противници, кои не беа задоволни од начинот на неговото владеење со хрватскиот фудбал во мандат што траеше од 2012 година до денеска.
Проблемот е сличен на македонскиот и државата бара статутот на ХНС да биде усогласен со државните закони за спорт.
Давор беше дел од хрватската репрезентација што го освои бронзениот медал на Мундијалот во 1998 година, што до последното СП беше најголем успех на Коцкестите.
Хрватска во неговиот мандат како претседател што трае од 2012 година го освои среброто на Светското првенство во Русија во 2018 година.