Ракометарите на Еурофарм Пелистер денеска (18.45 часот) ги очекува нов дуел во Лигата на шампионите. Македонскиот шампион ќе игра против данскиот тим Фредериција и се надева дека може да дојде до првата победа во ракометната елита.
Звонко Шундовски, кој е привремено решение на тренерската позиција по разделбата со Бранко Ангеловски, верува дека тимот има квалитет за да оствари поволен резултат.
„Фредериција е добар тим, игра типично дански ракомет, брзо и модерно и со доста шутеви од надвор. Имаат микс на квалитетни дански и странски ракометари. Со победата против Висла, Фредериција доби дополнителна самодоверба, но тоа нас не нè интересира. Подготвени сме за позитивен резултат. Убеден сум дека оваа екипа на Пелистер ќе ги покаже своите квалитети. Нашите цели остануваат – домашни трофеи и бодови во Лигата на шампионите“, изјави Звонко Шундовски.
Пелистер сепак е аутсајдер според квотите во обложувалниците.
Пелистер во овој дуел влегува само со еден освоен бод, додека Фредериција има една победа, против Висла Плоцк во претходното коло.