Шведска е земјата со најлабави мерки против корона-вирусот и покрај тоа што се забележани повеќе од 15.000 случаи на заразени, како и над 1.700 смртни случаи. Таму речиси ништо не е затворено, училиштата функционираат, исто како и маркетите, но препорачано е поодговорно однесување на народот.
Спортот е во застој и во Шведска, но нивната намера е да стартуваат со фудбалското првенство на 14 јуни, и тоа со публика на трибините.
„Амбициите се да почнеме со првенството на 14 јуни со присуство на публика, освен ако властите ни попречат во таа намера“, стои во соопштението објавено на официјалната веб-страница на националното првенство.
За разлика од Шведска, останатите скандинавски земји имаат различен став. Данска, на пример, планира да се врати на фудбалските активности еден месец порано, односно на 17 мај, шампионатот да се доигра без присуство на публика.