Според шпанските и шведските медиуми, голема е веројатноста новоформираниот женски клуб Реал Мадрид во своите редови да ја привлече шведската репрезентативка Косоваре Аслани.
Популарната Косе е родена пред 29 години во Кристијанштад, а нејзините родители се од Косово, па поради балканските корени и улогата на напаѓач, често ја нарекуваат женски Златан Ибрахимовиќ. Аслани на ногата има тетоважа со двоглавиот црн орел, симболот на Албанија.
Таа даде важен гол во мечот за трето место на неодамнешното Светско првенство. Со тој гол, Шведска поведе со 1-0, а на крајот ја победи Англија со 2-1 и дојде до бронзен медал.
Инаку, Реал го презеде клубот Такон, па во следната сезона името ќе остане Такон (на шпански значи пета), а од сезоната 2020/21 клубот ќе игра под името Реал Мадрид. Аслани во некои претходни интервјуа има кажано дека навива за Реал, па нема дилеми дека ќе ја прифати понудата. Таа е слободен играч откако ѝ заврши договорот со шведски Линчепингс, а претходно играше и за ПСЖ и Манчестер сити.