Си купи повратен билет за денот по квалификациите, а вечерва игра полуфинале на Отвореното првенство на САД

Британската 18-годишна тенисерка Ема Радукану е најголемата сензација на Отвореното првенство на САД, ниту таа самата не верувала дека може да стигне толку далеку, а вечерва по полноќ игра полуфинале.

Ова што го прави девојката родена во Канада, а има романско потекло е неверојатно. Таа на Отвореното првенство на САД дојде како 150-та на ВТА-листата, играше квалификации, а дојде до полуфинале во кое со Марија Сакари ќе се надигруваат за место во финалето.

Радукану на осум меча на Отвореното првенство на САД, уште нема загубено сет, во четвртфиналето против олимписката шампионка Белинда Бенчиќ загуби само седум гејма. На гренслем-натпреварувањата дебитираше летоска на Вимблдон.

„Навистина не мислев дека ќе останам во Њујорк толку долго. Имав повратен авионски билет за по квалификациите. Сега сум на слатки маки, мора да најдам нов лет. Пред мечот со Бенчиќ си реков дека треба да уживам бидејќи можеби последен пат во кариерата играм на стадионот ‘Артур Еш’“, вели Британката која имаше пауза од 18 месеци пред да заигра на Вимблдон, па затоа и нејзиниот подвиг е уште поголем и позачудувачки.

На новата ВТА-листа, која треба да излезе в понеделник, Радукану ќе биде најмалку 51-ва на светот. Ако го освои Отвореното првенство на САД, што би било едно од најголемите изненадувања во поновата историја, би влегла во топ 25.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести