Фудбалерот кој игра во средниот ред, Маркос Љоренте, се мачи во својот нов клуб Атлетико Мадрид, адаптацијата во шемите на Диего Симеоне не му оди лесно, и во црвено-белиот дрес игра уште помалку отколку во белиот на Реал, а токму малата минутажа во Реал Мадрид му беше главен мотив да си замине и да направи трансфер вреден околу 35 милиони евра.
Љоренте играше редовно во првите четири кола, но никогаш не остана на терен подолго од 45 минути. Неговото заковување на клупата се поклопува со голот на Мексиканецот Ектор Ерера против Јувентус. Љоренте доби шанса да игра од почеток против Алавес, но доби црвен картон. Симеоне во средниот ред за недопирливи ги смета Саул и Коке, а Томас Парти и Ерера добиваат предност пред Љоренте.