Начо Фернандес речиси сигурно нема да прослави 20 години престој во Реал Мадрид и ќе игра во Италија во продолжението на сезоната.
За 30-годишниот стопер, кој е вечна резерва во Реал Мадрид има интерес од три клуба во Калчото, а најблиску до ангажман на Начо е Милан.
Понуди до Реал Мадрид за шпанскиот репрезентативец испратија и Наполи и Рома, но Милан е прв фаворит. Наполи најпрво треба да го продаде Кулибали за да го ангажира Начо, а Рома сака да го задржи Смолинг и ако успее, ќе се откаже од трансфер на стоперот на Реал Мадрид.
Милан е најконкретен, па веќе има и сериозни разговори со менаџерот на Начо, играч кој е роден во Мадрид и мина цели 19 години во својот омилен клуб.
Пристигна во Кралскиот клуб како 11-годишно момче од Комплутензе и одигра 134 натпревари за најтрофејниот шпански и европски клуб.
Само на периоди добиваше вистинска шанса да игра и го има прекарот „четвртиот стопер“ бидејќи беше резервна варијанта во Реал во поголемиот дел од кариерата.
За репрезентацијата на Шпанија дебитираше во 2013 година и има одиграно 22 натпревари и еден постигнат гол.