Голманот на Арсенал и легенда на светскиот фудбал, Петр Чех, објави дека ќе ја заврши голманската кариера по завршувањето на сезоната.
Еден од најдобрите голмани во историјата на голот е веќе 20 сезони и реши да се пензионира. Кариерата ја почна во чешкиот клуб Шмел Блшани во 1999 година, а ќе ја заврши во Арсенал.
Бранеше и за Спарта Прага, Рен и Челзи, а најмногу успеси имаше на „Стемфорд бриџ“. Беше член на Челзи од 2004 до 2015 година и со тимот од Лондон ја освои титулата во Лигата на шампионите и во Лигата на Европа. Има четири титули и во Премиер лигата, а откако пристигна во англиското првенство, тој е голманот со најмногу мечеви без примен гол, точно 116.
Чех е препознатлив и по заштитната маска што ја носи по тешката повреда во октомври 2006 година. Стивен Хант крвнички му влезе во дуел и го повреди голманот на Челзи во дуелот со Рединг. Следуваше долга пауза за голманот, а оттогаш брани со заштита на главата.