Украинскиот фудбалер кој игра во средниот ред, Сергеј Сидорчук, оптимист е пред дуелите со Македонија и Малта од квалификациите за ЕП 2024.
Украинците утре во Прага се домаќини против Македонија, а за Сидорчук и ремито би било неуспех за неговиот тим.
„Одиме на шест бода од овие два меча, но треба и да се потсетиме како беше против нив летоска, нема лесни противници. Веќе не е како порано, кога однапред можеш да сметаш дека ќе победиш, сега сите играат модерен фудбал, и малите земји ги следат трендовите и напредуваат. Ни требаат уште 9 бода за да може да зборуваме за пласман на Европско првенство“, вели Сидорчук.
Во јуни во Скопје, Македонија по првото полувреме имаше убава предност од 2-0, но потоа се случи пресврт и Украинците славеа со 3-2.
„Мислам дека и Македонците беа изненадени од нивното водство во првото полувреме. Се плашеа од нас кога излегоа на терен, но кога ќе дадеш голови, со текот на времето ти се зголемува самодовербата. Убаво се сеќавам на мојот гол против Македонија во Лвов, тоа ми беше деби за А тимот, а и голот беше за победа. Отсуството на Циганков и Јармоленко е сериозна загуба и хендикеп за нас. Андреј е капитен, а Виктор игра на многу високо ниво“, заклучува Сидорчук.