Легендарниот холандски фудбалер Кларенс Сидорф смета дека славниот бразилски напаѓач Роналдо е најдобриот фудбалер што некогаш чекорел на теренот.
Иако новите генерации зборуваат за Кристијано Роналдо или Лионел Меси како за најголеми играчи на сите времиња, оние кои го гледале Роналдо и оние кои имале можност да играат со него тврдат дека никој подобар од него никогаш не излегол на теренот.
Сидорф нема никакви дилеми.
„Најдобриот фудбалер со кого сум играл? Целиот живот имам еден одговор, без никакво двоумење, тоа е Бразилецот Роналдо. Тој беше различен од сите“, изјави легендарниот Холанѓанец.
„Играв против него во Холандија кога имаше 18 години, а јас 20 или 21, а потоа играв со него во тимот. На тренинг навистина гледаш кој е и што е. Роналдо можеше да прави што сака на теренот. Никој не можеше да му застане на патот“, додава Сидорф.
„Кога некој постојано прави што сака, тоа не е среќа. Никој никогаш нема комбинација од сила, брзина, визија, смртоносност и прецизност, а тој ги имаше сите тие особини.“
Сидорф го исполни сонот да игра во истиот тим со Роналдо кога тој дојде во Милан.
„Секогаш си велев дека сакам да играм со некој како Роналдо. Кога беше во Барселона, разменивме дресови и му реков дека едвај чекам да играме заедно. Неколку години подоцна, среќата ми се насмевна.“
„Гледав играчи кои можат да дриблаат или кои имаат одличен шут, но само тој имаше комплетен пакет. Едноставно беше неверојатен“, вели холанската легенда.
Роналдо блескаше како тинејџер во Крузеиро, а европската авантура ја започна во 1994 година со ПСВ Ајндховен, а потоа играше за Барселона, Интер, Реал Мадрид, Милан и за Коринтијанс.
Кариерата му беше нарушена од две тешки повреди на коленото, но според бројни фудбалски икони, вклучувајќи го и Сидорф, никогаш нема да се роди повторно играч како Роналдо.

