Денеска во Ѓорче Петров ќе се кршат копјата за последното место во домашната Прва лига, а бараж играат Силекс и Тиквеш.
И двете екипи најавуваат победа, а ќе имаат и свои навивачи во Скопје со цел да им помогнат да се оствари целта.
Силекс како осмопласирана во Првата лига мора да игра бараж за опстанок, а интересно е што кратовци се вистински мајстори за вакви нокаут-дуели за опстанок и ги добија сите три баражи што досега ги имаат играно.
Во сезоната 2005/06 Силекс го победи Маџари Солидарност со 1:0 и успеа да го продолжи прволигашкиот статус, а и во следните две сезони го фаќаше последниот воз за опстанок.
Во 2006/07 кратовци беа подобри од ФК Скопје, победија со 2:1 и пак го зачуваа статусот прволигаш, а и следната сезона беа во иста ситуација, играа бараж со Беласица, но и во тој меч беа подобри, победија со 2:0 и нанижаа хет-трик успеси во мечевите да се биде прволигаш или не.
За разлика од нив, Тиквеш не бил прволигаш од сезоната 2003/04 и по 15 години пауза, ќе се обиде да го надмудри непобедливиот Силекс во баражите и да игра во Првата лига по 12-ти пат.