Два меча од 19. коло во македонската Прва лига се играат денеска, а дербито е меѓу Силекс и Шкендија. Ова е меч меѓу четвртопласираниот и третиот на табелата. Силекс нема шанси да се бори за титулата, но доколку успее да остане непоразен против Шкендија, ќе има големо влијание за врвот. Шкендија моментално е на третото место на табелата со 42 бодови, девет помалку од лидерот Вардар.
Силекс на свој терен сезонава има шест победи, едно реми и само два порази, што значи дека кратовци ќе бараат освојување на нови бодови. Традицијата вели дека во последните 10 меѓусебни дуели на овие ривали, билансот е четири победи за Шкендија, два триумфи за Силекс и четири нерешени.
Во вториот меч кој се игра денеска, Шкупи е домаќин на Арсими. Шкупи има само еден бод во досегашните 18 кола, додека Арсими е со 22 бодови и е на седмото место на табелата.
“Нѐ очекува многу важен натпревар против Шкупи. Иако во моментов не се наоѓаат во најповолна позиција на табелата и не минуваат низ најдобар период, тоа воопшто не го менува нашиот респект кон нив. Шкупи е клуб со историја, традиција и квалитет во составот. Свесни сме дека ќе биде цврст натпревар и на теренот ќе го дадеме максимумот. Го почитуваме секој противник, но нашиот фокус е на нашата игра, на позитивен резултат и на продолжување на патот кон нашите амбиции”, вели играчот на Арсими, Арѓент Гафури.

