Силекс без никакви проблеми стигна до три бода на гостувањето во Кавадарци во меч од 26-тото коло на Првата фудбалска лига на Македонија откако убедливо со 3:0 славеше против Тиквеш. Со оваа победа Силекс се зацврсти на четвртото место на табелата со 46 бода, додека Тиквеш остана петти со 37 бода.
Победата на гостите од Кратово ја најави Мигуел Пирес со погодокот во 17-тата минута. За португалскиот интернационалец ова беше 10-ти погодок сезонава. Пред крајот на првото полувреме, односно во 41-вата минута, босанскиот интернационалец Алиќ со својот седми погодок сезонава зголеми на 2:0, резултат со кој се отиде на одмор. Печат на победата на Силекс стави Велиновски со погодокот во 85-тата минута.
Во вториот меч кој се играше денеска, Башкими во Куманово одигра без голови против Брера. Сега Башкими има 37 бода и е на шестото место, додека струмичка Брера е на седмото место со 32 бода.

