15.8 C
Skopje
петок, 21 ноември 2025

Силекс не дозволи изненадување и славеше на гости кај Македонија ЃП

Силекс победи со 2:1 на гостувањето кај Македонија Ѓорче Петров во првиот меч од 14-тото коло на македонската фудбалска Прва лига. Кратовци беа фаворити и одлично започнаа, па уште во првите 30 минути стигнаа до предност од 2:0.

По асистенција на Пиреш, Мирчевски погоди во 15-тата минута за радост на гостите. Десетина минути подоцна, Силекс поведе и со 2:0 благодарение на Донев, кој со силен прецизен удар го матираше домашниот голман.

Македонија Ѓорче Петров не се предаде и во 32-рата минута со голот на искусниот дефанзивец Христијан Пецов намали за 1:2 на полувреме.

Во вториот дел се играше многу попретпазливо и имаше помалку шанси, а на крајот гостите ја сочуваат предноста и ги освоија посакуваните три бода.

Со оваа победа Силекс стигна до 28 бода и е на четвртото место на табелата. Македонија ЃП остана на 14 бодови што засега е доволно за осмото место на табелата.

Во останатите мечеви во ова коло ќе играат: сабота 13 ч.: Брера – Вардар; недела 13 ч.: Арсими – Шкендија, Тиквеш – Башкими; понеделник (24 ноември) 13 ч.: Работнички – Струга ТЛ; вторник (25 ноември) 13 ч.: Шкупи – Пелистер.

- Оглас -

Најнови вести