Силекс се доближи до Шкендија, Работнички во последен миг испушти победа, порази за Струга ТЛ и за Гостивар

Битката за врвот во Првата македонска фудбалска лига станува сè поинтересна, особено по новата победа на Силекс, кој сега е на само два бода од Шкендија.

Силекс ја совлада Брера со 0-2 во Струмица, благодарение на головите на Марко Ѓорѓиевски и Ади Алиќ. Овој триумф ги доближи кратовци на чекор до врвот, откако лидерот Шкендија вчера одигра 1-1 против Вардар во Скопје.

Работнички пропушти голема шанса да остане во чекор со врвот, откако во последните секунди прими гол за 1-1 против Воска во Охрид. Гостите поведоа со голот на Марселин Гандо Биала во 14-та минута, но Клинтон Осеи во 94-та минута донесе бод за Воска. Со овој резултат, Работнички е трет со пет бода заостанување зад Шкендија.

Тиквеш ја запиша својата победа против Гостивар (2-1) на домашен терен. Берат Садик донесе рана предност од пенал, а Александар Варселовски зголеми на 2-0 во 58-та минута. Гостивар постигна почесен погодок во финишот од мечот.

Големо изненадување приреди Беса, совладувајќи го актуелниот првак Струга Трим Лум со 3-2. Струга поведе преку Папе Јаре Фал, но Беса израмни со погодок на Шефит Шефити. Во второто полувреме, домаќините направија пресврт со головите на Меџит Незири и Ремзифаик Селмани, пред Христијан Малески во финишот да намали на 3-2.

Изненадување направи и Пелистер, кој на Чаир го совлада Шкупи со 0-1. Победничкиот гол го постигна Александар Ристевски во 74-та минута.

Во вчерашното дерби, Вардар и Шкендија ремизираа 1-1. Решат Рамадани ја донесе предноста за Шкендија во 21-та минута, но Едиз Спахиу израмни само четири минути подоцна.

Standings provided by Sofascore
- Оглас -

Најнови вести