0.8 C
Skopje
сабота, 20 декември 2025

Силекс со гол во 90 минута го урна сонот на Вардар за враќање во Прва лига (Видео)

Силекс со 2:1 го победи Вардар во Скопје, во дербито на Втора лига Запад. Со оваа победа кратовци покажаа дека се главни фаворити за враќање во елитното друштво следната сезона.

По 11 кола Силекс сега има 31 бод, додека Вардар остана на 20 бодови и со 11 бодови заостанување тешко дека ќе може да го стигне лидерот.

Кратовци први постигнаа гол на тренинг центарот “Петар Милошевски”, кога во средината на првото полувреме, по еден корнер, стоперот Љамалари погоди од пет метри. Вардар брзо израмни. Искусниот Блажевски одлично продре, ја уфрли топката, а Петров израмни на 1:1.

Во второто полувреме немаше многу, шанси, но Вардар може да жали што не поведе со 2:1, бидејќи по еден слободен удар, топката заврши во стативата. И кога се чекаше крајот, гостите изведоа брз контра напад, а Спиркоски рутинирано погоди за 2:1 и победа на Силекс во дуелот на некогашните фудбалски прваци на Македонија.

Во Прва лига денеска се играше еден меч во кој Македонија Ѓорче Петров со 2:1 славеше на гости кај Скопје. Сефер Емини ги постигна двата гола за гостите кои направија пресврт, откако Скопје прв погоди преку Јашаровски во 58 минута.

Втора лига Запад, Резултати: Кораби – Воска 1:1, Гостивар – Велешта 1:1, Тетекс – Беса 2:1, Охрид – Кадино 3:1.

- Оглас -

Најнови вести