Силен старт на Денвер, Клиперси ги изненадија Сонцата, тешка повреда на Јанис (Видео)

Лос Анџелес Клиперс поведе со 1:0 во победи во плејоф серијата против Феникс санс, нанесувајќи им го првиот пораз на Сонцата во меч во кој за нив настапува Кевин Дурант. Дурант по размената со која пристигна во тимот од Аризона, одигра осум меча за Феникс и на сите Сонцата славеа, сè до утринава кога Клиперси беа подобри со 115:110.

Во отсуство на Пол Џорџ кој ќе ја прескокне серијата со Феникс, блескаше Каваи Ленард со 38 постигнати поени, а добра партија имаа и Ерик Гордон со 19 и Ивица Зубац со 12 поени и 15 скока. Клучна улога во победата на Клиперси одигра Расел Вестбрук кој во последната минута од мечот, реализира две слободни фрлања, имаше блокада над Девин Букер и потоа постигна поени во контра со кои неговиот тим отиде на плус три на десетина секунди до крајот на средбата.

Најдобар кај Феникс беше Кевин Дурант со 27 поени, 11 асистенции и 9 скока, а Девин Букер даде поен помалку.

Силен старт на плејоф серијата имаше Денвер нагетс кој со 109:90 ја совлада Минесота тимбервулфс. Најдобриот тим на Западот постојано го контролираше резултатот, во втората четвртина за прв пат дојде до двоцифрена предност, а дилемите околу победникот ги разрешија во третата четвртина кога дојдоа до 29 поени предност (87:58).

Никола Јокиќ имаше дабл-дабл од 13 поени и 14 скока, а реализаторската улога им ја препушти на Џамал Мареј кој даде 24 поени и на Мајкл Портер јуниор со 18 поени.

ЛА Лејкерс направи брејк во серијата со Мемфис гризлис откако со 128:112 славеше на првиот меч кој се играше во „Федекс форум“. Клучен момент за триумфот беше серијата од 15:0 на Лејкерси во последните минути од средбата, а работата им ја олесни Џа Морант, кој во третата четвртина заработи повреда на дланката.

Херои на Лејкерси се Руи Хачимура и Остин Ривс кои погодуваа кога беше најпотребно, посебно во последната четвртина. Ривс постигна дури 14 од своите 23 поени во последната четвртина, додека Хачимура мечот го заврши со 29 постигнати поени.

https://twitter.com/i/status/1647739872088670217

Мајами хит со 130:117 го совлада Милвоки бакс кој помина во знакот на повредата на Јанис Адетокумбо. Јанис во првата четвртина, во обид да ја забие топката, незгодно падна и заработи контузија на долниот дел на грбот.

Џими Батлер со 35 поени и 10 асистенции беше најзаслужен за победата на Мајами каде одлучна партија прикажа и Бем Адебајо со 22 поени.

- Оглас -

Најнови вести