„Силверстоун“ и Ф1 се договорија да има две трки на таа патека, но се чека уште една важна дозвола

Формула 1 шампионатот е под голема неизвесност дали воопшто сезонава ќе започне. Иако сезоната требаше да стартува во март со трката за Големата награда на Австралија, поради пандемијата со корона-вирусот, трката беше одложена, а подоцна се одложија и сите останати трки кои беа планирани во изминатиот период.

Челниците на Ф1 и сопствениците на Британскиот тркачки клуб се договорија да има две трки на патеката „Силверстоун“. Според најавите, двете страни се договориле на „Силверстоун“ да има две трки за сума од 15 милиони фунти. За да биде потврдено дека двете трки ќе се одржат, дозвола треба да даде и Владата на Велика Британија.

„Со големо задоволство можам да потврдам дека Силверстоун и Ф1 постигнаа договор за одржување на две трки ова лето, но без присуство на публика. Сепак, мора да добиеме дозвола и од властите бидејќи здравјето е пред сѐ, а мора да се спроведат и одлуките за безбедност од корона-вирусот“, откри директорот на „Силверстоун“, Стјуард Прингл.

Освен дозволата од власта во Англија, голема пречка може да биде и фактот дека сите странци кои сакаат да влезат во земјата ќе мора да бидат во двонеделен карантин.

Според планот на Ф1, шампионатот треба да започне на 5 јули во Австрија, а следната недела повторно да има трка на истата патека. Потоа треба да биде двојниот викенд на „Силверстоун“, а договорено е да има и трка во Белгија на 30 август.

- Оглас -

Најнови вести