Атлетико Мадрид пропушти шанса да се искачи на врвот на табелата во шпанското првенство откако на свој терен одигра 1:1 против Селта Виго. Јорганџиите имаа тешка мисија затоа што уште во седмата минута директен црвен картон доби Бариос, што значи дека речиси 90 минути Атлетико играше со фудбалер помалку на теренот.
И покрај тоа што Атлетико не победи, тренерот Диего Симеоне имаше само пофални зборови.
„На тимот му давам 10 поени од 10 можни. Игравме 90 минути со играч помалку, цел натпревар. Имавме неколку шанси да постигнеме гол против тим кој одигра многу добро. Момците ги надминаа тешкотиите што се појавија: прво останавме со еден човек помалку, па тие постигнаа гол, поради што загубивме во резултатот. Но, тие имаа храброст да ја продолжат борбата. Многу сум задоволен од работата на играчите, ова е важен чекор. Тимот одигра многу добро. Играчите станаа гладијатори – прво на натпреварот против Баер, тим кој игра добро, а сега и на натпреварот против Селта, сличен тим“, рече тренерот на Атлетико, Диего Симеоне.