Симеоне го кани Торес назад во Атлетико

Фернандо Торес минатата недела стави крај на професионалната фудбалска кариера во неговиот последен меч за јапонскиот тим на Саган Тосу. Торес во изминатите 18 години, во поголемиот дел од неговата кариера беше страв и трепет за противниците, а неговиот голгетерски инстинкт најмногу го покажа во дресот на Ливерпул.

Како поранешен светски и европски првак (со клуб и репрезентација), Торес ги бранеше боите и на Челзи и Милан, а доби и шанса уште еднаш да го облече дресот на Атлетико пред да се пресели во Азија. Сега, откако веќе нема обврски секоја недела да се подготвува за настап, Торес планира да започне тренерска кариера, а веќе има понуда каде може да го оствари тоа.

Диего Симеоне, предводникот на Атлетико, изрази желба и му ги отвори вратите на Торес. Симеоне смета дека Фернандо во себе има нешто што многу други напаѓачи го немаат, а може многу да придонесе за клубот со своето знаење.

„Фернандо не само што беше врвен голгетер, туку и прекрасна личност. Неговиот скромен карактер и вложениот труд му ја овозможија блескавата кариера. Знам дека може да го пренесе своето знаење, да помага на млади играчи кои сонуваат да бидат фудбалери. Затоа би сакал повторно да соработуваме“, истакна Симеоне.

Инаку, Торес пред трансферот во Ливерпул во 2006 година, ја носеше капитенската лента на Атлетико во периодот кога Симеоне исто така беше Јорганџија, а последната нивна соработка беше од 2015 до 2018 година, кога Торес го напушти Милан и се врати во Мадрид.

- Оглас -

Најнови вести