Дуелот на Интер и Атлетико Мадрид од осминафиналето во Лигата на шампионите ќе се следи со голем интерес, а средбата ќе има посебно значење и за тренерот Диего Симеоне, кој сега е на клупата на Шпанците, а во минатото како играч настапуваше за Нераѕурите од Милано.
„Интер е меѓу четири или пет најдобри тимови во Европа. Навистина ми се допаѓа како игра. Конкретно и едноставно, едноставните работи најдобро функционираат, играат како колектив. Ќе биде натпревар на дуели, кој ќе добие повеќе дуели, ќе биде поблиску до победа“, рече популарниот Чоло.
Симеоне уште од 2011 година е тренер на Атлетико, а Симоне Инѕаги, кој трета година го води Интер, не верува дека може повеќе од една деценија да остане тренер во клубот.
„Јас не сум интеров Симеоне. Во Италија е многу тешко долго да останеш тренер во еден ист клуб. Мислењето за играчите и тренерите се менува набрзина, за неколку недели. Мора многу да работите и да имате среќа“, рече Инѕаги.