-1.2 C
Skopje
петок, 9 јануари 2026

Симеоне: „Не се сеќавам што му кажав на Винисиус, имам лоша меморија“

Атлетико Мадрид загуби со 2-1 од градскиот ривал Реал во полуфиналето од шпанскиот Супер куп и остана без можноста да се бори за трофејот во Џеда, Саудиска Арабија.

Тренерот на „јорганџиите“, Диего Симеоне, го анализираше мечот, а како клучни за поразот ги издвои нерешителноста на своите фудбалери и одличниот Тибо Куртоа.

„Тие го започнаа натпреварот со фантастичен гол, извонреден удар на Валверде. Се најдовме во улога на тим што брка резултат, но во текот на целиот меч ја игравме играта што сакавме да ја играме и постојано го баравме голот. Создадовме шанси што можевме да ги реализираме. Во некои од нив ни недостасуваше решителноста што обично ја имаме, а во други Куртоа имаше извонредни одбрани, особено при ударот со глава на Сорлот. Се натпреварувавме на многу високо ниво. Во второто полувреме игравме речиси целосно на нивната половина, освен контранападите, како оној при 0:2, кој тие го организираа многу добро. Не можам да кажам ништо лошо за мојот тим, му честитаме на противникот и продолжуваме да работиме во иста насока.“ – Симеоне по натпреварот.

Атлетико Мадрид имаше 22 удари кон противнички гол, но само еден го пронајде патот до мрежата на Тибо Куртоа.

„Ни недостасуваше повеќе смиреност при завршницата, но Куртоа имаше две или три навистина одлични интервенции. Тимот играше добро, токму онака како што сакавме. Тие постигнаа прекрасен гол, а потоа реализираа и многу добар контранапад, кој го завршија одлично. Во првото полувреме имаше и уште една шанса за Родриго од десната страна. Го одигравме натпреварот што го замислувавме, да ја контролираме топката, да напаѓаме по крилата, да имаме присуство во шеснаесетникот… Не бевме ефикасни и затоа му честитаме на противникот, бидејќи тие беа.“ – додаде тренерот на Атлетико.

Аргентинецот беше запрашан и за инцидентот со Винисиус, кога нешто му дофрли.

„Немам што да коментирам. Она што се случува на теренот, таму и останува, уште од кога бевме деца. Ништо повеќе нема за кажување. Не се сеќавам што сум му рекол, имам лоша меморија.“ – рече Симеоне.

- Оглас -

Најнови вести