Tренерот на Атлетико Мадрид, Диего Симеоне, откри детали од разговорот со Ханси Флик по реваншот од полуфиналето на Купот на кралот против Барселона. Иако Каталонците победија со 3-0, тоа не беше доволно за да ја избришат негативата од четири гола од првиот натпревар.
„Прво го поздравив и му реков дека неговите играчи одиграа блескаво. Потоа изразив надеж дека ќе се сретнеме во четвртфиналето на Лигата на шампионите за да ја прикажеме најдобрата игра“, изјави Симеоне.
Во осминафиналето на Лигата на шампионите, Барселона ќе се соочи со Њукасл, додека Атлетико ќе игра против Тотенхем.
На прес-конференцијата по дуелот на „Камп ноу“, Симеоне го анализираше натпреварот.
„Знаевме дека ни претстои тежок терен и противник кој игра одлично. Тие не ни дозволија да создадеме повеќе шанси како оние на Љоренте и Лукман. Не можам да не забележам дека третиот гол на Барселона беше од офсајд, а ВАР дури не го прегледаа. Дома игравме со поголем интензитет, постигнавме четири гола и можевме уште два. Од овој реванш си заминувам со задоволство што знам како да трпам, бидејќи тоа е дел од фудбалот“, потенцираше Чоло Симеоне.
Со оваа победа, Атлетико Мадрид ќе игра во финалето на Купот на кралот за првпат од 2013 година, кога го елиминира Реал Мадрид на „Сантијаго Бернабеу“.
„Долго го чекавме овој момент. По две изгубени полуфиналиња, се соочивме со исклучителен противник кој игра со поголемо темпо кога е потребно, особено во првото полувреме. Имавме неколку шанси за контранапади. Тие подобро се справија со статичните ситуации. Сепак, стигнавме таму каде што сакаме да бидеме“, заклучи Симеоне.

