Реал Мадрид со „атлетиковска“ тактика синоќа го победил Атлетико Мадрид, барем така мисли тренерот на Јорганџиите, Диего Симеоне.
Аргентинскиот стручњак изјави дека овој тим на Реал потсетува на Атлетико од времето кога го имале Диего Коста и кога биле многу критикувани за начинот на игра што го применувале тогаш.
„Анчелоти направи одлична работа. Реал има моќен контранапад, цврст е во одбрана, ги користи шансите. Прекрасно е да се види екипа која толку ниско се брани, трча малку, но затвора простор и така квалитетно игра контри. Ме потсетува на Атлетико од времето кога кај нас беше Диего Коста, а тогаш од сите бевме критикувани за начинот на игра“, рече популарниот Чоло.
Карло Анчелоти рече дека ако Реал добил пофалби од Симеоне за играта во низок блок, тогаш тоа го прифаќа како комплимент. Тренерот на Реал додаде и дека не му се лути на Симеоне што не се поздрави со него по мечот, туку по навика, веднаш отрча во соблекувална.