Атлетико Мадрид има предност од 2:0 во пресрет на утрешниот реванш против Барселона во Лигата на шампионите. Покрај преднсота од двата гола, мадридскиот тим ќе ја има предноста и на домашен терен, што значи дека очекува голема поддршна од трибините на „Ванда Метрополитано“.
Тренерот на Атлетико Мадрид, Диего Симеоне е полн со самодоверба дека неговиот тим ќе се пласира во полуфиналето на елитното натпреварување на УЕФА.
„Убедени сме во тоа што ни треба и што ќе бараме на теренот. Нашата цел е да продолжиме напред и ќе играме на таков начин што тоа ќе се случи“, објасни Чоло на денешната прес-конференција во пресрет на реваншот против каталонскиот гигант.
Во врска со пристапот кон ваквите натпревари, аргентинскиот стратег коментираше: „Ќе пристапиме на начинот на кој секогаш сме играле против Барса. Знаеме дека тие се многу добар противник, но исто така сме свесни за нашата цел, а тоа е да одиме во следната фаза“.
What happened here? 😂 pic.twitter.com/DiwYxQZ6FF
— Atlético de Madrid (@atletienglish) April 13, 2026
Симеоне вели дека секој меч е приказна сам за себе и никогаш предвреме не може да се предвиди што ќе се случи на теренот.
„Сè што однапред замислуваме може да биде само имагинација. Кога ќе започне натпреварот, сè што сме размислувале може да се остави во втор план. На последниот натпревар тие излегоа со понападна линија. Затоа ни требаат верба и сигурност во она што го сакаме, а тоа е да ги елиминираме“, додаде Симеоне, кој одби да го коментира судењето на првиот меч во Барселона. „Размислувам за тимот, не размислувам за судиите. Тие веќе се под екстремен притисок, не размислувам за нив.“
Симеоне одби да открие дали Јан Облак ќе се врати на голот.

