Симеоне призна дека сега Барселона е главен фаворит за титулата во Ла Лига

Тренерот на Атлетико Мадрид, Диего Симеоне, призна дека поразот од Барселона со 2-4 ќе има влијание врз амбициите на неговиот тим во борбата за титулата. Според него, по овој меч, Каталонците стануваат главен фаворит за трофејот во Ла Лига.

За Атлетико Мадрид останува да игра натпревар по натпревар и да се надева на киксови на ривалите.

„Барса има натпревар помалку и не знам што ќе се случи. Тие имаат важна предност, и тоа е реалноста. За нас останува да се бориме меч по меч, сега мора да се фокусираме на дуелот со Еспањол и така до крајот. Му честитам на противникот за агресивноста во клучниот момент. Имавме добар резултат, но не успеавме да го задржиме доволно долго за да стекнеме самодоверба. Голот за 2-1 ја промени енергијата и даде поголема сигурност за Барса во нападот. Можевме подобро да се справиме со ситуацијата и поуспешно да ги искористиме контранападите. За жал, не ги одбиравме вистинските додавања. Потоа стана 2-2 и 2-3 по еден среќен рикошет, но и тоа е дел од фудбалот. Како што ние победивме и одигравме нерешено со Барселона, сега среќата беше на нивна страна“, изјави Симеоне.

„Кај голот на Левандовски не се одбранивме добро. Тоа беше прекрасен гол. Нѐ заболе и го смени текот на натпреварот, внесувајќи доза на несигурност. Барса е одличен тим кој игра многу добро. Индивидуално се на неверојатно ниво, а како колектив исто така функционираат одлично. Ние се боревме со нашите оружја и тоа е една од позитивните работи што треба да ги извлечеме од овој меч“, додаде Аргентинецот.

- Оглас -

Најнови вести