Симеоне: Суарес не дава голови на гости? Вечер во Букурешт ние сме домаќини!

Атлетико Мадрид и Челзи вечерва во Букурешт ќе го играат првиот нивен осминафинален двобој од Лигата на шампионите, а тоа што лидерот на шпанското првенство наместо дома во Мадрид, улогата на домаќин ќе ја има далеку од дома, во романската престолнина Букурешт, е хендикеп за Јорганџиите.

Атлетико ќе биде домаќин во град кој е на четиричасовен лет со авион од Мадрид, но тренерот Диего Симеоне рече дека добро е што воопшто се игра фудбал во време на пандемија.

„Во овој свет во кој живееме добро е што може да се игра фудбал без да мислиме на работи кои не можеме да ги контролираме. Разгледувавме неколку опции и го одбравме Букурешт, кој е на четири часа лет од Мадрид, а шест часа од Лондон“, рече Симеоне.

Еден од главните адути во тимот на популарниот Чоло треба да биде Луис Суарес, кој по доаѓањето од Барселона, се наметна како прв стрелец на Атлетико. Но, Уругваецот уште од септември 2015 против Рома во ЛШ нема дадено гол на стадион кој не е „Камп ноу“.

„Против Челзи ќе играме на домашен терен, пред да одиме во Лондон ќе треба да ме прашате дали сум загрижен што Луис одамна нема дадено гол на гости“, изјави секогаш интересниот Симеоне.

- Оглас -

Најнови вести